Македонија годинава ќе ја заврши со раст на економијата од 2,2%. Следната година растот ќе изнесува 3,2%, додека 4% ќе се достигнат дури во 2018 година. Вакви се проекциите за движење на растот на нашиот БДП што ги дава Меѓународниот монетарен фонд во најновиот октомвриски Извештај за глобалната економија, насловен "Транзиции и опасности". Прогнозите на монетарците се совпаѓаат со проекциите на македонската Влада која за следната година предвидува идентичен раст на БДП од 3,2%. Според среднорочните владини проекции, пак, растот во 2015 година треба да изнесува 3,8%, а во 2016 година 4,5%.
Македонија годинава ќе ја заврши со раст на економијата од 2,2%. Следната година растот ќе изнесува 3,2%, додека 4% ќе се достигнат дури во 2018 година.
Вакви се проекциите за движење на растот на нашиот БДП што ги дава Меѓународниот монетарен фонд во најновиот октомвриски Извештај за глобалната економија, насловен "Транзиции и опасности".
Прогнозите на монетарците се совпаѓаат со проекциите на македонската Влада која за следната година предвидува идентичен раст на БДП од 3,2%. Според среднорочните владини проекции, пак, растот во 2015 година треба да изнесува 3,8%, а во 2016 година 4,5%.
Аналитичарите на ММФ оценуваат дека светската економија годинава ќе порасне за 2,9%, а следната за 3,6%. За групата земји од Централна и Источна Европа меѓу кои е Македонија, за годинава е проектиран просечен раст од 2,3%, следната од 2,7%, додека во 2018 година просекот ќе изнесува 3,7%.
Меѓу 14 земји од Централна и Источна Европа, се очекува годинава во минус да биде само Хрватска, со БДП од минус 0,6%, додека највисок економски раст од 4%, по минатогодишните 5,6% се очекува да оствари Латвија. Со проекциите за раст од 2,2%, Македонија би била на петтото место во групата, по Латвија, Турција за која се предвидуваат 3,8%, Литванија со 3,4% и Косово со 2,6%. За најранливата економија во регионот, Хрватската, се проценува дека следната година ќе излезе од рецесијата што ја следи уште од 2009 година, со раст на БДП од 1,5%, што воедно ќе биде најмал во регионот. Грција ќе забележи економски раст од 0,6% во 2014 година, по падот од 4,2% оваа година. Во четвртиот квартал од следната година грчкиот БДП треба да порасне за 2,2%, наспроти - 2,6% во истиот период годинава.
Во извештајот, ММФ дава и препораки. Се наведува дека политиките треба да се фокусираат на зголемување на потенцијалот за раст, кој според проценките значително ќе се намали поради глобалната економска криза.
- За многу земји во кои голем дел од високата стапка на невработеност се појавува како структурна, ќе биде потребна храбра реформска агенда за да се ублажат тесните грла - препорачуваат авторите на Извештајот.
Како потенцијална опасност по економиите повторно се наведуваат задолжувањата и дефицитите и се констатира дека во земјите во кои долгот и дефицитот се големи во последните месеци се забележува зголемување на ризиците. На таквите земји им се советува да преземат мерки за да ја намалат ранливоста.
Двигатели на растот на светската економија и годинава треба да бидат азиските земји, како Кина, чиј раст треба да забави, но да не биде помал од 7,3% и Индија, со БДП проектиран на 5,1%. Во 2014 година, пак, неверојатен раст од 25,5% се прогнозира за Либија.
НБРМ: Растот на БДП ќе се задржи
По високиот раст на бруто домашниот производ во вториот квартал од 3,9%, се очекува дека растот ќе се задржи, но дека ќе биде умерено понизок, во согласност со показателите за економската активност, како што се градежништвото и индустријата. Оцените и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Вакви проценки дава Комитетот за оперативна монетарна политика кој на последната седница ги разгледа најновите макроекономски и пазарни показатели.
Комитетот констатира дека годишниот раст на инфлацијата се уште забавува и во септември таа изнесувала 1,6%. Според последните оценки ризиците околу проектираната просечна инфлација од 2,8% за годинава се врамнотежени. Како прилично надолни се оценуваат ризиците околу проекцијата на кредитите и се очекува дека претходно извршеното намалување на основната каматна стапка, како и останатите мерки преземени досега од монетарната власт ќе имаат стимулативни ефекти врз подготвеноста на банките за кредитирање во следниот период. НБМ нема да ја менува основната каматна стапка која сега е 3,25%, а на аукциите ќе понуди благајнички записи на ниво на износот којшто достасува, односно 25.500 милиони денари.